Од 25 до 27 октомври 2016 година во Пелагонискиот регион, Центарот за развој на Пелагониски плански регион беше домаќин и организатор на меѓународна конференција “Унапредување на економскиот развој во Пелагонискиот регион”.
Меѓународната конференција е дел од заложбите и само еден мал дел од активностите кои Центарот за развој на Пелагониски плански регион во соработка со Министерството за локална самоуправа на Р.М. и Програмата на УНДП во Македонија ги реализираше со цел унапредување на економскиот напредок и зајакнување на капацитетите на бизнис секторот во Пелагонискиот регион.
На конференцијата пред присутните гости од Пелагонискиот регион и гостите од Измир Р. Турција свое обраќање имаа: г-ѓа Луиза Винтон - Постојан координатор на ОН и постојан претставник на УНДП во Македонија, Министерката за локална самоуправа на Република Македонија г-ѓа Ширет Елези, Министерот за странски инвестиции на РМ г-дин Џери Наумов, Претседателот на Советот на Пелагонискиот плански регион, г-дин Ѓоко Стрезовски, економскиот промотор на РМ во Турција г-дин Алеф Сулејман.
На првата сесија од конференцијата презентирани беа можностите за економски развој и соработка во Република Македонија. Претставници од различни нивоа на власта, а пред сè оние од оперативното ниво преку презентации на успешни странски инвестиции ја претставија Македонија како дестинација за инвестирање.
Презентирани беа и можностите за инвестирање во Македонија преку презентација која беше одржана од страна на претставник на Агенцијата за странски инвестиции. Презентацијата за можностите за инвестирање во Пелагонискиот регион како и Водичот за инвестирање и збирката на индустриски зони во Пелагонискиот регион беше презентиран од страна на Бизнис Центарот во рамките на Центарот за развој на Пелагонискиот регион. Бизнис секторот во Пелагонискиот регион беше презентиран од страна на Регионалните Стопански комори во Битола и Прилеп.
Дополнително, проектите кои се подготвени од страна на 9-те општини во Пелагонискиот регион за приватни инвеститори беа севкупно презентирани од страна на Центарот за развој на Пелагонискиот регион. Конференцијата им овозможи на учесниците од Република Македонија да се запознаат со можностите кои ги нудат претставниците од Измир, Република Туција, како и нивните искуствата во бизнис сферата, преку презентацијата од страна на официјалните претставници од Измир, Република Турција.
Втората сесија на меѓународната конференција беше посветена на директните бизнис средби помеѓу претставниците на бизнис компаниите од Пелагонискиот регион и од регионот на Измир. Во рамките на првиот дел од конференцијата претставени беа можностите за инвестирање и на општините Новаци и Кривогаштани и нивните потенцијали и капацитети за соработка. Во вториот дел од програмата на меѓународната конференција ”Унапредување на економскиот развој во Пелагонискиот регион” и бизнис средби помеѓу претставници од бизнис секторот од Пелагонискиот регион и регионот на Измир. Турската бизнис делегација придружена од претставници од различни сектори од Пелагонискиот регион реализира посета на откупниот центар Apple land во Ресен, посета на ресенскиот Сарај, и присустуваше на презентација на потенцијалите и можностите за инвестирање на општина Ресен. Турата за запознавање со можностите за инвестирање во Пелагонискиот регион продолжува со посета на општина Прилеп. Во општина Прилеп делегацијата од Измир присуствуваше на презентација за можностите за инвестирање и потенцијалите на Прилеп, и реализираше посета на фабриката Комфи Ангел запознавајќи ги нејзините капацитети и можности.