Од 17-ти до 26-ти февруари 2014 година Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион во соработка со УСАИД Проектот за експанзија на мали бизниси, спроведуван од Карана Корпорација, организира Караван за промоција на систем капка по капка на пченка во руралните средини на Пелагонискиот регион. Како партнери во организацијата на промотивниот караван беа Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството, Федерацијата на фармери на РМ и ЈП Стрежево Битола.
Караванот започна во Општина Могила каде се одржа и неговото официјално отворање, продолжи во Општините Битола, Прилеп и Новаци и заврши во основното училиште во село Кравари. Целта беше да се посетат што повеќе рурални средини во Пелагонискиот регион и да се информираат земјоделците за придобивките од поставување на систем капка по капка на пченка, од страна на зголемување на приносите, намалување на времето за наводнување, подобрување на квалитетот и рационално искористување на водата. На овие средби присуствуваа и земјоделци кај кои преку проектот минатата година беше поставен систем капка по капка на еден хектар пченка, со што тие имаа можност да ги пренесат позитивните искуства до другите присутни.
Иницијативата за одгледување повеќе пченка ќе продолжи со финансиска поддршка од УСАИД Проектот за екпанзија на мали бизниси, каде и оваа година ќе се постават системи капка по капка на пченка кај дел од земјоделците во Пелагонискиот регион.