КУЛТУРАТА ВО МАКЕДОНИЈА
Пелагонија со право може да се нарече лулка на културата во Република Македонија. Луѓето што живееле тука оставиле длабока трага на своето време низ вековите наназад. Нивната култура, пренесувана од генерација на генерација и менувана под влијание на настаните кои се случиле тука, е видлива денес преку богатото историско наследство: археолошки наоѓалишта, цркви, манастири, градска архитектура но и низ елементите на секојдневното живеење. Пелагонија е ризница и чувар на македонската традиција и нејзините жители се особено горди на тоа. Денешната култура препознатлива за Пелагонискиот регион е резултат на милениумската историја на овој дел од светот. Многу цивилизации биле присутни тука, оставиле трага и дале свој придонес во градењето на нашиот идентитет.
Ткаењето на културата и традицијата на Пелагонија започнува уште со првите населувања на регионот во бронзено доба. Остатоци од овој период можеме да сретнеме во близината на средновековниот манастир “Пресвета Богородица” во близина на село Зрзе, општина Долнени. Во блиската околина на манстирот најдена е пештера во карпа од ова доба, во која што се пронајдени и керамички садови изработени од првите жители во овој дел на регионот. Исто така, при неформални ископувања во овој дел од регионот најдени се и фрагментирани остатоци од керамика. Значаен процут културата на Пелагонија доживува во Римско доба, период од кој денес се видливи голем број на културни остатоци и кои се дел од големото наследство присутно во Пелагонија. Од раноантичкиот период во Пелагонија секако најпозната е Хераклеа (Heraclea Linkestis), археолошки локалитет кој се наоѓа на јужната периферија на градот Битола. Овој антички град бил изграден во текот на IV век од страна на Македонскиот крал Филип II. Хераклеа ја красат остатоци од сакрални објекти, украсени со уникатни мозаици, кои заедно со ранохристијанските верски објекти, портикот на судницата, термалната бања, и театарот, го ставаат овој антички град високо на пиедесталот на археолошки остатоци со непроценливо значење за Македонскиот народ и за културата на другите Европски народи.
Во текот на VI и VII век на територијата на Баланскиот полуостров се населуваат Словените кои со себе ги донеле и своите обичаи и традиции кои преку процес на неформална културна размена со резиденото население, се втемелиле во современата култура на денешните жители. Во времето на Средниот век и Византискиот период, во Пелагонија биле создадени огромен број на духовни објекти кои и денес ја вршат својата функција и се незаменлив дел на животот на луѓето од регионот. Најголемиот дел од нив, освен својата огромна историска и културна вредност, и денес ја имаат истата намена за која првично биле создадени – практикување на духовни обреди и ширење на религиска мисла. Од бројните цркви и манастири изградени во овој период би го споменале манастирот Трескавец оддалечен од градот Прилеп само 10 км. Манастирската црква “Успение Богородично” е изградена во 13 век, за покасно низ вековите целиот манастирски комплекс да биде уриван и повторно возобновуван. Манастирот денес, има монашки ред и е честа дестинација за посета не само на жителите на Пелагонија туку и на голем број на странски гости. Манастирот Св. Ѓорѓи во Курбиново е исто така средновековна гордост од светско значење на Пелагонискиот регион. Црквата која е изградена во 1191 година е најголемата еднокорабна градба во Република Македонија. Фрескоживописот на Св. Ѓорѓи има ненадминати естетски квалитети највисоко вреднувани од светската стручна јавност.
Петвековното владеење на Турската империја е видливо преку присуството на големиот број на духовни објекти поврзани со муслиманската култура. Џамии со исклучителна вредност денес можат да се посетат на територијата на општините во Пелагонија. Најпознати репрезенти на овој период се Јени џамија, Исак џамија и Ајдар–Кади џамија во Битола, Чарши џамија во Прилеп и Хаџирамаданова џамија во Ресен. Сите датираат од периодот XV-XVI век.
На преминот од XIX кон XX век за Македонската нација се случиле многу важни настани, кои потоа неминовно ја менувале и Македонската култура. Почетокот на XX век е обележан со славното Илинденското востание после кое за прв пат е формирана Крушевската Република. Од овој период низ целиот регион, а особено во Крушево можат да се сретнат артефакти кои потсетуваат на славните денови на револуционерната борба. Леарницата за куршуми, Музеите на НОВ и Илинден, спомениците Илинден (во кој се наоѓа гробот на легендарниот војвода Никола Карев) и Мечкин Камен, денес гордо стојат и потсетуваат на желбата за слобода на Македонскиот народ. Во почетокот на XX век изграден е и денешниот Дом на култура во Ресен, попознат како Сарај заради својот нетипичен изглед. Објектот е изграден во неокласичен стил, по примерот на Француската архитектура. Овој објект е само уште еден доказ за големиот број на културни влијанија кои се испрепретиле на териотријата на регионот Пелагонија, и кои на свој начин дале придонес кон денешното модерно живеење.
Во периодот по Балканските војни изградена е уникатна градска архитектура која претставува белег на македонската традиција, препознатлив не само на Балканскиот полуостров туку и низ целиот свет. Куќи, и други објекти изградени во овој период, и денес во одлична состојба можат да се видат и посетат во сите населени места на Пелагонискиот регион а псебно убави се објектите на Широк Сокак во Битола и градската архитектура на Крушево.
Културата во Пелагонискиот регион е претставена и преку кујната типична за овој регион. Вкусните јадења и денес се подготвуваат со истата страст како и во периодот на нашите баби и прабаби. Најпознатите јадења во регионот: тавче-гравче, ширден, циронки, скара и најразлични видови на сирења и други млечни производи се неизбежен дел од менијата на традиционалните ресторани, и трпезата во домовите на луѓето од регионот. Традиционалните обичаи и во денешно време се негуваат ревносно, токму како во времето во кое биле создадени.