Членови на Советот за развој на Пелагонискиот регион (СРППР) и претставници на Центарот за развој на Пелагонискиот регион предводени од Претседателот на СРППР М-р Ѓоко Стрезовски, реализираа Студиско патување во Италија.
Целта на патувањето беше да се добијат нови знаења за забрзување на развојот на Пелагонија како дестинација за авантуристички туризам.
За време на патувањето посетен беше регионот Венето во Северна Италија кој има слични карактеристики и потенцијали за авантуристички туризам како регионот Пелагонија: приближен број на жители, еден главен урбан центар (Венеција), рурални средини со изразена локална традиција, земјоделско производство и животна средина со највисок степен на национална и светска заштита.
Во рамките на Студиското патување претставниците на Пелагонискиот регион ги посетија градовите Сан Дона Ди Пиаве, Кавалино, Венеција, Лидо Ди Јесоло, Каорле и Кортина Д`Ампецо. За време на престојот, Градоначалниците од Пелагонија беа сместени во туристички развиена рурална средина каде покрај локалната традиција и животната средина, земјоделското приозводство е целосно ставено во функција на туристичкиот производ. За време на патувањето Градоначалниците се запознаа со потребата и формата на интензивна соработка помеѓу руралните средини и градските центри во развојот на туристичкиот производ.
Градоначалниците од Пелагонискиот регион остварија официјални средби со Градоначалничката на општина Кавалино г-ѓа Роберта Несто и Заменик-Градоначалничката задолжена за развој на туризмот во Венеција, г-ѓа Паола Мар. На средбите се разговараше за поддршката која градските власти ја даваат на локалното население што се занимава со туризам односно за начините на соработка со бизнис заедницата која директно или индиректно учествува во градењето на туристичкиот производ. По завршувањето на истото, групата која го реализираше Студиското патување заклучи дека акцентот на развојот на туризмот во Пелагонија треба да се стави на поддршка на развојот на современа патна инфраструктура, стимулирање на претпримништвото кај локалното население пред се во руралните заедници, вклучување на локалните традиции, занаети и земјоделски производи во туристичката понуда, изградба на планински велосипедски и пешачки патеки и овозможување на услови за практикување на кампинг-туризам. Дел од алатките за реализација на овие заклучоци кои веќе се користат во регионот Венето, можат да бидат применети и во Пелагонија.
Студиското патување беше дел од активностите на проектот “Студија за развој на Пелагонија како дестинација за авантуристички туризам” финансиски поддржан од Програмата за регионален развој на Германско друштво за интернационална соработка и Делегација на Европска Унија во РМ.