Во периодот од 9 – 12 септември 2013 година, беше реализирано студиско патување во Задар, Република Хрватска на кое присуствуваа Градоначалниците на општините од Пелагонискиот регион, а беше организирано од страна на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион и УСАИД Проектот за експанзија на мали бизниси, имплементиран од Карана Корпорација.
Целта на патувањето беше претставување на регионот Пелагонија пред локалната власт во градот Задар и Задарската област и размена на искуства за воведување на ЕУ ЛЕАДЕР пристапот преку процесот на формирање на Локални Акциони Групи ЛАГ-ови. За време на студиското патување беа остварени директни средби со Локалните Акциони Групи во Задарскиот регион, ЛАГ Лаура и ЛАГ Бура. На овие средби менаџерите на ЛАГ-овите пред Градоначалниците од Пелагонискиот регион го презентираа процесот на формирање на ЛАГ-ови во Хрватска, ги истакнаа можносите кои се нудат за искористување на различни фондови и кои типови на проекти ќе можат да се имплементираат преку ЛЕАДЕР програмата. Исто така ја потенцираа важноста за поддршка од локалната самоуправа во формирањето на ЛАГ-ови за да се постигне успех на целиот процес.
Делагацијата од Пелагонија имаше можност да оствари средба и со Градоначалникот на град Биоград, г-дин Иван Кнез, кој го претстави градот кој го води, неговите можности за развој, и ги презентираше реализираните и планираните проекти. Исто така, Делегацијата од Пелагонискиот регион имаше можност да се сретне со Градоначалникот на општина Задар, г-дин Божидар Калмета и неговиот тим, со кого разговараше за развојот на Задарската Жупанија во последните години и проблемите со кои оваа жупанија се соочува. Присутните на средбата, истата ја посочија како одлична можност за идна заедничка соработка помеѓу двата региони. За време на студиското патување, Градоначалниците беа примени и од страна на жупанот на Задарската жупанија, г-дин Стипе Зрилиќ и неговиот тим, каде двете страни ги претставија своите региони и можности за развој. На оваа средба присуствуваше и претставничка на Македонската заедница во Задар, г-ѓа Мирјана Мајиќ.
Еден дел од студиското патување беше искористен и за средби со Комората на занаетчии на општина Задар и претставници од успешни компании од регионот за преработка на месо и производство на бели пецива. За време на средбите, беше разговарано за успешни иницијативи од приватниот сектор и поддршката од страна на комората и локалната самоуправа при реализацијата на тие иницијативи.
Со цел да слушнат искуства и мислења на претприемачите, Градоначалниците за време на студиското патување реализираа теренски посети на неколку локални мали и средни претпријатија, кои се и успешни корисници на финансиски средства од ИПАРД програмата во Хрватска. Конкретно, беа реализирани посети на компанијата “Мараска” производител на сокови и познатата задарска ракија од вишна Мараска, земјоделската задруга “Масвин” која одгледува и преработува маслинки, вино и смокви, разгледување на земјоделскиот проект “Баштица” за наводнување на голема земјоделска површина преку систем капка по капка и посета на компанијата “Мари Комерц” која се занимава со преработка на риба.