Успешно започнат процесот на реконструкција на Битолската Зоолошка Градина и реализацијата на техничката документација за нејзина целосна реконструкција. На 23.07.2012 година, свечено беше пуштен во употреба реновираниот и целосно опремен детски парк, активност која се случи со помош на донација на Здружението на пензионери од Битола. Со ова, во Зоолошката Градина, е воведена нова содржина наменета, пред се, за нејзините најмали посетители.
Детскиот парк се наоѓа во централниот дел на територијата на Зоолошката градина и располага со површина од 530м2., на тревна подлога со природни сенки од постоечкото високо зеленило. Истиот е замислен и изграден како катче со отворени површини за игра, забава и едукација на децата кои доаѓаат во Зоо Битола.Паркот е опремен со атрактивни анимациски средства (играчки) кои нудат различни форми на совладување на препреки и зглоемување на психофизичките способности на најмладата популација. Покрај различните типови на нишалки и вртелешки, изведени се и качувалки со куќарки, мостови, лизгалки, алпинистички вертикали и скалила. Во централниот дел на паркот е поместен и песочен базен, а на неговата северозападна страна е оставен слободен простор за едукативни инсталации.
Согласно техничката документација за комплетна реконструкција на Зоо Битола, во непосредна близина на детскиот забавен парк, предвидени се простории, отворени и затворени тераси и ресторански дел за одмор на возрасните.За време на свеченото отворање, менаџментот на Зоолошката Градина ја информираше јавноста во Пелагонискиот регион дека наскоро ќе започат градежните работи поврзани со реконструкцијата на живелиштето на нилскиот коњ, што претставува уште една активност насочена кон реализација на техничката документација за комплетна реконструкција на Битолската Зоолошка Градина.Членовите на волонтерскиот сервис во Зоо Битола ја искористија свечената церемонија и сите присутни, за да ги информиаат дека од 23.07.2012 (понеделник) започнува настанот наречен ЗООлимпијада, кој во духот на Олимписките игри ќе ги анимира, едуцира и поттикнува децата и нивните родители да ги негуваат и практикуваат спортските навики и здравиот начин на живот.