На 31.10.2011 и 01.11.2011 беше одржан третиот состанок на работната група формирана во рамките на проектот “Изработка на техничка документација за комплетна реконструкција на Зоолошката Градина во Битола”. Во работната група овојпат беа вклучени и двајца претставници од Европската Асоцијација за Зоолошки Градини и Аквариуми (ЕАЗА) кои дадоа придонес кон инкорпорирањето на модерните европски стандарди во техничката документација за реконструкција на Зоолошката Градина од Битола.
Претставници од ЕАЗА беа г-дин Марјо Хоедермаркер - Директор на Зоолошката Градина од Амерсфорт, Република Холандија и г-ѓа Даворка Маљковиќ – Директор на Зоолошката Градина од Загреб, Република Хрватска. Работната група и експртите од ЕАЗА ја разгледа моменталната состојба во Зоолошката Градина, ги анализираа нејзините потенцијали и ги оценија предвидените живеалишта, нивната разместеност, како и останатата комплементарна инфраструктура која што треба да биде дел од новиот излгед на Зоолошката Градина. Експертите дадоа свои генерални забелешки, насоки и препораки кои што ќе бидат вградени во техничката документација што наскоро ќе почне да се подготвува. Со тоа, Битолската Зоолошка Градина при идниот процес на реконструкција ќе добие изглед, функционалност и менаџмент кој ги задоволува современите Европски стандарди предвидени со регулативата на Еу за чување на животни во заробеништво, но и со стандардите на денешната Зоо заедница.